Petition to UNESCO - Against Discrimination of Macedonian Language

Ilija
Gostin

/ #76

2010-11-18 02:20

Почитувана г-ѓа Бокова, генерален директор на УНЕСКО,

Ние, долупотпишаните, граѓани на Република Македонија, но и Македонци и други правдољубиви луѓе од сите делови на светот, Ви се обраќаме со барање да ја спречите дискриминацијата што му се прави на македонскиот народ и на македонскиот јазик.

Се обраќаме до Вас како највисока институција задолжена за грижа и заштита на културата и културното наследство во светот. Очекуваме да се ангажирате во исправањето на неправдата што веќе со години му се нанесува на македонскиот народ и да обезбедите трајна заштита на македонскиот јазик и културен идентитет, како дел од светското културно наследство.

Веќе дваесет години трае македонската меѓународна голгота! Република Македонија како држава е блокирана во процесите за влез во НАТО и ЕУ, како нејзини стратешки одредници, но и воопшто во нормалната комуникација со светот. Како што веројатно знаете, тоа прозлезе од противењето на Грција, која ја оспори употребата на зборот Македонија за нашата земја, а во натамошните преговори и на сите придавки за народ, јазик и се друго поврзано со него.

Република Македонија стана членка на Обединетите Нации во услови на страотен притисок и уцени за нејзиното опстојување, под референцата ˝поранешна југословенска република Македонија˝ во 1993 година, преку Резолуцијата на Генералното Собрание на Обединетите Нации под бр.47/225, што беше ˝крајно контроверзна и политизирана спогодба˝, како што стои и во официјалното електронско издание на УНТЕРМ – Мултилингвалната терминолошка датотека на Обединетите Нации.

Македонците кои живеат во Република Македонија, но и оние од дијаспората, се изложени на постојано негирање, понижување и дискриминација во поглед на основното човеково право за самоидентификација, негување и зачувување на својот културен идентитет.

Непосреден повод за Петицијата беше повторното исчезнување на македонскиот јазик од графата во официјалното електронско издание на УНТЕРМ, поради, како што беше наведено од нивна страна, административна грешка на некој службеник!? Грешката е моментално поправена, но под националност повторно стои широк опис произлезен од референцата, наместо зборот ˝македонска˝.

Собирањето потписи во поддршка на Петицијата започна на Меѓународниот ден на толеранцијата, 16 ноември 2010 година, во главниот град на Република Македонија, Скопје, но и во другите градови на земјата, како и по електронски пат. Иницијатор за Петицијата е ДОМ, како граѓанска, зелена партија на која принципот на недискриминација и е еден од темелните.

Се прашуваме:
До кога ќе трае сево ова? До кога некој службеник во ОН, или каде и да е, ќе може да го брише, преименува и обезименува македонскиот народ, македонскиот јазик и македонскиот идентитет, кога тој произлегува од правото на самоидентификување?
Дали стожерот на меѓународното право ги штити сите подеднакво, или има двојни стандарди – едни за посилните, други за послабите? Што остана тогаш од правдата како највисок идеал?
Што станува со сите конвенции, декларации и резолуции што ги носат ОН за зачувување на човековите права и културното наследство, а против дискриминацијата на секој поединец и група по која и да е основа?
Зошто постои УНЕСКО, како највисока организација за заштита на културата и културното наследство, каде секој јазик е дефиниран како духовно културно наследство? Па зошто беше тогаш 2008-та прогласена за Година на јазиците, за да не исчезнат помалите јазици, зашто со нив би исчезнал и дел од светското културно наследство? Зарем залудно и Македонците се вклучија во одбележувањето преку Годината на македонскиот јазик?

Почитувана г-ѓа Бокова, веруваме дека принципот за недискриминација и е во темелите на постоењето на организацијата на чие чело сте. Затоа, апелираме до Вас лично да се заземете за македонскиот јазик и културен идентитет и да прекине неправдата што му се нанесува на еден мирен народ!