ОТВОРЕНО ПИСМО НА ЕВРОПСКИТЕ ПИСАТЕЛИ

ОТВОРЕНО ПИСМО НА ЕВРОПСКИТЕ ПИСАТЕЛИ ДО ВЛАСТИТЕ ВО ЕУ (22 октомври 2015)  

Копирајт, или авторски права, значи права на авторите  

 

Ајде да зборуваме отворено: ние писателите не го разбираме настојувањето на ЕУ врз „реформирање“ на авторските права и правата на писателите во Европа.

Европската комисија одбра погрешна цел напаѓајќи ги правата на авторите со цел да го поттикне подемот на „Единствен дигитален пазар“, затоа што токму правата на авторите се основниот услов за создавање литературни дела. Нивното подривање би значело да се пресече изворот на дигиталниот пазар на книги дури и пред тој да почне вистински да се воспостави. Ослабените права на авторите ќе значат осиромашување на литературата.

Правата на авторите не се пречка за циркулацијата на делата. Овластувањето на преводни права овозможува делата да бидат преведени на сите јазици и да бидат распространети во сите земји. Вистинските пречки за нивното распространување се од економска, технолошка и фискална природа, и всушност предмет на каква било реформа би требало да бидат токму монополите, сопственичките формати и даночните измами.

Со усвојувањето на значително изменетата верзија на извештајот на Џулија Реда, Европскиот парламент јасно и гласно ја реафирмира важноста на заштитата на правата на авторите и на зачувувањето на сѐ понесигурната економска стабилност на креативните индустрии. За жал, во исто време, непромислено ја остави вратата отворена за цела палета исклучоци во однос на правата на авторите – исклучоци што би можеле да бидат создадени, проширени, поставени како задолжителни и стандардизирани од страна на Комисијата, понекогаш одејќи против националните решенија што веќе ги исполнуваат потребите на читателите и на другите корисници.

Како се замислува ова изобилство исклучоци во рамките на правата на авторите да го унапреди создавањето на дела? По колку исклучоци (библиотеки и архиви, е-позајмување на книги, истражување и образовни цели, анализа на текстови и податоци, трансформативни употреби, исцрпени изданија или дела од незнајни автори итн.) исклучокот ќе стане правило, а правата на авторите исклучок?

Правата на авторите се од суштинско значење за нас затоа што тие значат дека ние имаме финансиски и морални права врз нашите дела. Правата на авторите се темелот врз кој е изградена европската литература; за нашите земји тие се извор на економска добросостојба и можност за отворање на работни места; нивната заштита гарантира финансиски средства за креативноста и одржливоста на севкупниот синџир на создавање и објавување на книгите; тие се основата за надоместокот за нашиот труд. Дозволувајќи ни да ги береме плодовите на нашата работа тие ни ја гарантираат нашата слобода и нашата независност. Не сакаме да се вратиме во деновите на мецени, ниту да живееме од можни јавни субвенции: ние сакаме да заработуваме за живот од експлоатацијата на нашите дела. Пишувањето е професија, не хоби.

Во текот на неколку минати векови авторските права дозволија демократизација на книгата, а во иднината тие ќе го овозможат развојот на дигитални дела и нивна дистрибуција до најширок аудиториум. Иако се наследство од минатото, правата на авторите се модерна алатка, компатибилна со употребата на новите технологии.

Исклучително важно е да се запре подбуцнувањето на авторите против читателите. Без писателите не би постоела литературата; но без читателите таа нема никаква цел. Писателите се во основа отворени кон промените и развојот на светот во кој живеат. Никој погласно и пострасно од нив не ги брани слободата на мислата, слободата на изразувањето и слободата на создавање. Тие се залагаат за споделување на идеи и знаења, тоа е нивниот raison d’être. Тие се, како прво и најважно, читатели.

Ние, европските писатели, ги повикуваме европските власти да ги напуштат плановите за проширување или зголемување на опсегот на исклучоци и ограничувања на правата на авторите. Уверувањата за некаков облик на „компензација“ не се замена за приход заработен од комерцијална експлоатација на нашите дела, особено имајќи предвид дека авторите веќе страдаат од сѐ поголемата материјална несигурност. Ги повикуваме европските власти да се борат против искушението на некакво илузорно „сѐ бесплатно“, од кое ќе имаат корист само големите дистрибуциски платформи и други добавувачи на содржини. Ги повикуваме европските власти да ни помогнат да добиеме поправеден дел од вредноста на книгите, особено во дигиталната сфера, како и да ги забранат навредливите одредби во договорите и делотворно да се борат против пиратските преземања на нашите дела.

Слободата да се создава и виталноста на европската култура исто така зависат од вас.  

 

(Превод од француски на англиски: Ros Schwartz, Vice-Chair, the Translators Association)

(Превод од англиски на македонски: Огнена Никуљски)  

Стапете во врска со авторот на петицијата: Cécile Deniard